
Заврши најголемиот музички фестивал во државата – Таксират. Неговото 24-то издание го сруши рекордот на посетеност – според причните проценки дел од исклучително успешниот фестивал беа 27.000 посетители од државата и надвор од неа. Главната фестивалска вечер се одржа синоќа во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, која понуди извонредна осумчасовна програма и настапи на 12 музички ѕвезди.
Отварањето на главната фестивалка вечер и загревањето на атмосферата на главната бина им припадна на ЗАД АГОЛОТ – едно од најзначајнтие имиња на македонскиот хип-хоп. За прв пат во Македонија со својот енергичен настап продолжија ветераните на светската треш-метал сцена СОДОМ.Бендот што постои цели четири децении, со својот настап ги одушевија љубителите на моќниот звук. Следен беше атрактивниот настап на еуфоричниот каталонски ска-румба бенд ЛА ПЕГАТИНА кој дополнително го подигна расположението.
По нив, публиката во Македонија за прв пат имаше прилика да се запознае во живо и со британската трап-џез сензација АЈ-ЕМ-ДИДИ-БИ.
Исполнетиот подиум на главната бина беше воодушевен од нејзината харизма, талент и комбинација на различни жанрови во настап кој ја потврди високата репутација на моментно една од најавтентичните музичарки не само на британската туку и светската сцена.
Во меѓувреме, исклучително весело и разиграно расположени беа посетителите и на втората бина „Трапсират” каде што паралелно се одржуваа настапите на артистите од трап сцената кои ја импресионираа преполната Мала сала во Арената. За најефоричен подиум и добрите денс движења на сите присутни тука се погрижија секогаш добро расположените: Јанг Дади, Баша, Хиљсон Мандела, Принцес Донатсу и Донплеја.
Арената беше веќе целосно исполнета во моментот кога на сцената застана најпопуларното инди-поп дуо во регионот – БУЧ КЕСИДИ!
Од самиот почеток па сѐ до крајот на нивната фантастична изведба, Зоран и Лука со вистинска диско сценографија, ја маѓепсаа разиграната публика која едногласно ги пееше сите нивни најголеми хитови. Далеку од тивки, таксиратскиот подиум ечеше низ стиховите на „Tiho”, „Nema ljubavi u klubu”, „Euforija”, „Dzuskanje ne pomaze”.
View this post on Instagram
Врвот на вечерта беше веднаш потоа, фестивалот синоќа вриеше благодарение на атмосферата која завладеа под знамето на најголемиот симбол на берлинскиот техно-храм „Бергхаин”, врвниот продуцент и диџеј БЕН КЛОК! Тој го трансформира „Таксират” во сосема друг универзум кој публиката без двоумење го прифати и целосно се препушти на ритамот кој повеќе од два часа го диктираше неговиот маестрален сет.
Завесата на осумчасовната журка на „Таксират” ја спушти најпрепознатливиот претставник на македонската клупска сцена НИНО ФЛУДЕР, кој со идеален сет за крај на вечерта и со гласни овации на бројната публика ја продолжи вжештената атмосфера на подиумот до апсолутното заокружување на маратонскиот ТАКСИРАТ 2022.
„Пасворд Продакшн” како организатор на фестивалот ТАКСИРАТ, со ова воедно го затвори овогодишниот календар на настани и тоа докажувајќи дека дури и во зимските месеци Скопје може да стане препознатлив како дестинација за добра фестивалска забава. Веќе е сигурно дека прагот на остварувања на овој музички фестивал е највисоко поставен, но и дека следната година несомнено ќе биде уште подобра бидејќи ТАКСИРАТ ќе го прославува јубилејното 25-то издание! Се гледаме на ТАКСИРАТ #25!